Могерини: Расте поддршката за проширување на ЕУ

Федерика Могерини во Хелсинки, Финска

Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, порача дека на денешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ забележала посилна поддршка и одлучност за проширувањето кон Западниот Балкан. Говорејќи на прес конференцијата по министерскиот состанок, Могерини истакна дека за прв пат дискусијата за проширувањето се водела не само од перспектива на земјите кандидати, туку од перспективата на самите земји членки.

„Денеска видов уште посилна поддршка, посилна одлучност и свест за важноста ЕУ да биде конзистентна во наредните чекори во процесот на проширување, обично ова го земаме од гледна точка на земјите аспиранти, но забораваме колку е важно за нас да се обедини повторно континентот“, изјави Могерини на состанокот во Хелсинки, Финска.

Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ истакна дека интегрирањето на земјите од регионот претставува интерес за Унијата од економски, политички, безбедносен и миграциски аспект, меѓу другото.