СДСМ е оптимист дека ќе има договор за законот за ЈО

Седиштето на СДСМ.

Владејачката СДСМ не отстапува од црвените линии за законот за Јавното обвинтелство, како што е на пример продолжување на предметите кои ги започна СЈО, брифираат високи извори од партијата. Сепак, според нив, големи се шансите да се постигне договор со опозицијата за законот за ЈО и статусот на СЈО, но ако тоа не се случи тогаш СДСМ очекува на 10 септември да се гласа законот во Собрание, иако проценка е дека се мали шансите да се постигне двотретинско мнозинство.

Доколку нема договор, после 15 септември СДСМ смета дека Советот на јавни обвинители треба да назначи в.д. на СЈО, и при тоа не доаѓало во предвид истрагите да пропаднат. СДСМ е оптимист дека во октомври земјата ќе добие датум за преговори со ЕУ, а разговор за предвремени избори прифаќа по членството во НАТО во декември 2019.

Евентуалните предвремени избори во тој случај би биле во втората половина од 2020 година до кога се очекувало економските политики да дадат поголеми резултати. Во партијата сметаат дека доколку целосно се процесуира случајот „Рекет“ тоа ќе придонесе за добивање на датум за преговори и биле свесни за разочараноста во државата од овој случај.