Кукан и Флекенштајн ќе посредуваат меѓу српската власт и опозицијата

Едуард Кукан во Белград

Поранешните европратеници, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, денеска во српското Собрание во Белград ја започнаа дводневната посредничка мисија зад затворени врати со претставници на опозициските партии и на власта, на кои нема да даваат изјави ниту пред ниту после состаноците.

Кукан и Флекенштајн и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабрици, ќе имаат одвоени состаноци со преставници на пратеничките групи на владејачката Српска Напредна Странка (СНС), Социјалистичката партија на Србија (СПС), со лидерот на Радикалите Воислав Шешељ, со опозицијски пратеници Маринка Тепиќ, Бошко Обрадовиќ (Двери), Зоран Живковиќ (Нова Странка), со преставници на Демократската странка (ДС), Либерално демократската партија (ЛДП) и Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ), Социјал демократската странка (СДС), со Марко Ѓуришиќ и Сандра Рашковиќ Ивиќ и со други преставници на политичките партии во српското собрание.

Претседателот на ПСГ Сергеј Трифуновиќ пред неколку дена побара посредништво од ЕУ во дијалогот меѓу властите и опозицијата, во писмото испратено до Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер.