Од Табановце до Амазонија

МАКЕДОНИЈА - Обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО, која го води предметот Монструм најави дека за сведок ќе го повика и премиерот Зоран Заев.

МАКЕДОНИЈА - Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека не е постигнат напредок во разговорите меѓу власта и опозицијата за новиот закон за јавното обвинителство.

МАКЕДОНИЈА - Северна Македонија и Србија се блиски и пријателски земји со традиционално добри односи, земја со која немаме отворени прашања, изјави премиерот Зоран Заев, по средбата со српската премиерка Ана Брнабиќ. Тој нагласи дека приоритет за двете земји ќе биде продлабочувањето на односите и фокусирање кон иднината.

МАКЕДОНИЈА / СРБИЈА - На граничниот премин Табановце - Прешево почна да се поминува со едно чекање на заедничката испостава што ја воспоставија граничните служби од Северна Македонија и од Србија со проектот за интегрирано гранично управување One stop shop на овој премин.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека кинеските власти преку ноќ ги контактирале американските функционери за трговија и рекле дека сакале да се вратат на преговарачката маса, објавија светските новински агенции.

РУСИЈА - Според потпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му кажал на рускиот колега Владимир Путин дека нападите на сириската армија кои имаат руска поддршка во северозападна Сирија предизвикале хуманитарна криза и закана за националната безбедност на Турција.

БРАЗИЛ - Лидерите на членките на Групата седум индустриски најразвиени земји на светот Г7 соопштија дека се подготвуваат да му помогнат на Бразил во борбата против пожарите кои ја пустошат амазонската прашума.

ИЗРАЕЛ - Израелската војска соопшти дека биле истрелани три проектили од Појасот Газа и оти биле активирани сирените за воздушна тревога на југот на Израел.