Повици до политичарите да се воздржат од тужби

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повикува политичарите да се воздржат од тужби кон медиумите и да не ја загрозуваат слободата на изразување. Најавите за тужби, посочуваат, претставуваат директен притисок врз работата на медиумите особено кога известуваат за теми од висок степен на јавен интерес.

„Медиумите се чувари на јавниот интерес и креатори на јавната свест и затоа мора во интерес на јавноста, да објавуваат сеопфатни и проверени информации. Како што е наведено во Декларацијата за слободата на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа „правото на слобода на изразување со себе носи обврски и одговорности за кои вработените во медиумите мора да водат сметка“, се вели во соопштението од Агенцијата.

Воедно ги потсетува претставниците на власта дека со самото прифаќање на функцијата прифатиле да бидат предмет на јавна политичка дебата, а со тоа и предмет на надзор на јавноста и на потенцијално силна јавна критика преку медиумите во поглед на начинот на кој ги извршуваат своите функции.

Агенцијата постојано апелира првенствено да се користи правото на исправка или одговор наместо директно да се прибегнува кон тужби против новинари и медиуми, особено кога станува збор за носители на јавни функции.

И Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите на Македонија, побараа медиумите да се држат до професионалните стандарди, а политичарите да се воздржат од тужби.

„ЗНМ и СЕММ сметаат дека јавните функционери треба да се воздржат од тужби за новинари. Патот кон професионализацијата на медиумите треба да се води преку саморегулаторните тела. Во согласност со добрата практика на европските земји, прагот на толеранција кај политичарите мора да e повисок и тие треба да постават пример за квалитетно користење на механизмите и телата за саморегулација“, соопштија вчера ЗНМ и СЕММ.

Вчера по објавување на текстови за случајот Рекет и за наводна поврзнаност на високи функцонери со овој случај, премиерот Зоран Заев, вицепремиерката Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров и потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски рекоа дека текстовите се лага и најавија тужби.