Законот за Јавно обвинителство оди во Собрание без партиски договор

Министерката за правда Дескоска изјави дека пречката за договор не е Катица Јанева туку барањето за затворање на постапките на СЈО

Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на СJO, следната недела оди во Собрание каде е закажана седница за вторник, иако засега се уште нема договор меѓу работните групи на власта и опозицијата. Собраниската седница за предлог-законот е закажана за 27 август, по враќањето на пратениците од колективниот одмор. За законот е потребно двотретинско мнозинство, односно поддршка од 80 пратеници.

Од Министерството за правда за МИА изјавиле дека засега нема закажно нова средба, иако претходно беше најавено дека разговорите ќе продолжат неделава. Сметаат дека компромисот треба да се гради во Собранието.

„Најдобра опција е консензусот да се прави во Собрание. Пратен е текстот и добро е сите пратеници што имаат забелешки да поднесат амандмани“, рекле за МИА од Министерството за правда.

Министерката за правда Рената Дескоска, неделава во интервју за еден дневен весник кажа дека каменот на сопнување во текот на преговорите за Законот за јавно обвинителство не е Катица Јанева туку барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази.