Зеленски бара Русија да го врати Крим ако сака во Г-8

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ѝ предложи на Русија да ѝ го врати Крим на Украина ако сака да се врати назад во групата највлијателни земји во светот - Г8, објавија руските медиуми, на кои се повикуваат светските новински агенции во своите објави.

Зеленски на својата ФБ страница напиша дека Русија треба да го прекине конфликтот во источна Украина и да ги ослободи Украинците кои се наоѓаа во руските затвори. На тој начин земјата ќе даде силен сигнал дека „сака мир и е подготвена повторно да го заземе своето место во големата дипломатија”.

Претходно американскиот претседател Доналд Трамп се согласи со предлогот на неговиот француски колега Емануел Макрон, на средбата на Г7 во САД, во 2020 година, да биде поканета и Русија, но за враќањето на Русија во Г8 Макрон кажа дека тоа би било грешка без пред тоа да не се разреши кризата во Украина. Против враќањето на Русија во Г7 досега се изјаснија британскиот премиер Борис Џонсон и германската канцеларка Ангела Меркел.