Од Јанева до Амазонија

МАКЕДОНИЈА - Специјалната обвинителка Катица Јанева беше приведена од полицијата по барање на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, а во врска со случајот Рекет.

САД - Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека би било соодветно Русија повторно да биде примена во Групата седум индустриски најразвиени земји.

ИТАЛИЈА - Министерот за внатрешни работи на Италија и лидер на десничарската партија Лига Матео Салвини изјави во италијанскиот Сенат дека предизвикал владина криза, бидејќи не се плаши од вонредни избори.

РУСИЈА - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Русија мора да ги разгледа конкретните предлози да се врати во Групата 7, доколку тоа биде предложено, пренесоа светските новински агенции.

КИНА - Над 200 луѓе загинале, а 63 се водат како исчезнати во големите поплави кои ја погодија Кина во текот на јули и август, соопштија локалните власти. 

УКРАИНА - Судот во Киев му нареди на Националното биро за борба против корупција да отвори предмети против поранешниот претседател Петро Порошенко и поранешниот министер за надворешни работи Павел Климкин заради злоупотреба на службената положба, објавија украинските медиуми, а пренесе новинската агенција ТАСС.

БРАЗИЛ - Прашумите на Амазон и Пантанал во Бразил ги погодија најстрашните пожари во последните пет години, соопшти Националниот институт за вселенски истражувања кој регистрирал повеќе од 72.000 жаришта во периодот од 1. јануари до 19.август што е за 82 проценти повеќе отколку истиот период во 2018 година.

СРБИЈА - Српската премиерка Ана Брнабиќ в понеделник, 26 август, ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија, соопшти Канцеларијата за медиуми на Владата на Србија.