Италијанското обвинителство наложи заплена на спасувачкиот брод и евакуација на мигрантите

Архивска фотографија: Мигранти на бродот Опен армс на шпанската невладина организација Проактива

Италијанското обвинителство наложи заплена на бродот на хуманитарната организација Опен армс(Отворени раце) и евакуација на над 80 мигранти кои се наоѓаат на него, јави новинската агенција АНСА.

Тој потег доаѓа на крај на драматичниот ден во кој околу 15 мигранти скокнаа во морето, откако поминаа 19 дена на бродот. Со помош на италијанските спасувачи, тие успеаја да допливаат до блискиот италијански остров Лампедуза.

Обвинителот Луиџи Патронаџо нареди заплена на бродот, откако го посети и се сретна со пристанишните власти. Тој ја разгледува можноста за обвинение за киднапирање против министерот за внатрешни работи, десничарот Матео Салвини, кој одби да дозволи мигрантите да се симнат во Италија, и покрај тоа што шест европски земји се согласија да ги примат. Мигрантите беа спасени на почетокот на месецов од морето кај Либија.

Мадрид денеска се обиде да ја оконча хуманитарната криза, со тоа што испрати воен брод кој би го испратил бродот Опен армс на патот до Шпанија.