Прва жртва од Западнонилската треска во Србија

Илустрација: Комарец

На Инфективната клиника во Белград почина 84-годишна жена од Западнонилска треска. Починатата имаше и други хронични болести.

Тоа е прва жртва во Србија од Западнонилска треска, вирусно заболување што го пренесуваат заразени комарци.

Во Србија се регистрирани уште три пациенти инфицирани со Западнонилска треска.

Западнонилската треска е вирус кој се пренесува со убод на заразен комарец. Преносител е комарецот „Culex pipiens“. Главен резервоар на зараза се различни видови птици, додека човекот е случаен „слеп домаќин“ и инфекцијата од него не се пренесува понатаму.

Поголемиот број од заразените, околу 80 проценти, немаат никакви симптоми, додека кај останатите инфицирани лица симптомите потсетуваат на грип. Само кај помалку од еден процент инфицирани со Западнонилска треска може да дојде до тешки компликации менингитис и енцефалитис.

Лекарите за намалување на ризикот од зараза советуваат редовно користење репеленти при претстој на отворено, облека со долги ракави и долги панталони, да се избегнува престојување во природа од стемнување до зора, период кога комарците се најактивни и да се користи заштитна мрежа на прозорците и вратите.