Ректорот на УКИМ до Антикорупциска: Не земам две плати

Проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ

По соопштението на Антикорупциската комисија дека врши две функции и како ректор и како професор на Медицинскиот факултет, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ , Никола Јанкуловски, реагира дека се прави обид за нарушување на неговата чест и авторитет, бидејќи, како што тврди, тој не крши ниту еден закон и нема судир на интереси како што велат антикорупционерите.

„Ректорот за да може да биде ректор најпрвин треба да биде професор. За да биде професор на Медицинскиот факултет треба да има двоен работен однос на соодветната клиника и на Медицинскиот факултет. Ова е законски регулирано. Сите професори по клиничките предмети на Медицинскиот факултет имаат двоен работен однос. Професорите на клиничките предмети согласно наведените прописи земаат една плата од два работодавци, од Медицинскиот факултет и од соодветната клиника. Тоа што ректорот го прима од Ректоратот е само функционален додаток на плата додека ја врши функцијата ректор. Тоа не е плата. Вака било и за сите претходни ректори“, вели Јанкуловски.