Македонски рецепти, африканска чума, сибирски пожар, севернокорејски ракети...

МАКЕДОНИЈА - Во нашата земја, во моментов, нема африканска свинска чума, но се спроведуваат превентивни мерки, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

МАКЕДОНИЈА - Фондот за здравствено осигурување соопшти дека интензивно презема соодветни активности и мерки за укинување на квотите на сите аптеки и за воведување нови контролни механизми при пропишувањето на лековите на рецепт на товар на Фондот во ординациите, како и за нивното подигнување во аптеките.

КОСОВО / МАКЕДОНИЈА - Косовскиот амбасадор во Скопје, Ѓерѓ Дедај, во КПУ Затвор-Скопје го посети поранешниот член на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Томор Морина, по одобрението од Основниот кривичен суд.

САД - Каква било воена операција на Турција во Северна Сирија е неприфатлива и САД ќе спречат еднострани потези, изјави американскиот министер за одбрана, Марк Еспер.

РУСИЈА - И покрај сите напори, продолжуваат да горат шумите во Сибир, при што е зафатена површина поголема од 4,3 милиони хектари, соопшти рускиот огранок на меѓународната организација Гринпис.

БЕЛГИЈА - Министерот за надворешни работи на Шпанија, Жозеп Борел, е новиот шеф на европската дипломатија, на местото на Федерика Могерини.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / БЕЛГИЈА - ЕУ соопшти дека нема основа за продолжување на преговорите за Брегзит иако Велика Британија продолжува да инсистира на измени во договорот кој беше постигнат со поранешната британска премиерка Тереза Меј.

КАНАДА - Маж пукал во ноќен клуб во северниот дел на Торонто и при тоа ранил седуммина гости, пренесоа новинските агенции, повикувајќи се на локалните канадски медиуми.

ИРАН - Техеран ги поддржува преговорите со Вашингтон, но САД прво треба да ги укинат санкциите што му ги наметнаа на Иран, изјави иранскиот претседател Хасан Рохани во интервју за иранската државна телевизија, пренесоа светските новински агенции.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Пјонгјанг повторно лансираше неидентификувани проектили во морето, соопшти јужнокорејската војска. Проектилите биле испaлени од северозападниот брег на Северна Кореја, а војската во Сеул навела дека го прелетале копното пред да слетаат во источните севернокорејски води. Од Вашингтон изјавија дека нема да реагираат претерано, но дека внимателно следат што прави Пјонгјанг.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Владата на Република Српска соопшти дека ја тужи Федерацијата БиХ поради долг од распределба на приходи од индиректни даноци, во вредност од 34.571.047,78 конвертибилни марки, односно околу 17,6 милиони евра, објавија локалните медиуми.