Иран дополнително се откажува од обврски од нуклеарниот договор

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф изјави дека неговата земја ќе преземе трет чекор за намалување на обврските според нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Техеран и светските сили. Тој не кажа што точно ќе направи земјата.

Иран во мај објавија дека постепено ќе ги намалува обврските од договорот, доколку другите потписници целосно не ги исполнат своите обврски.

Техеран веќе почна со збогатување на ураниум повеќе од дозволеното според договорот, кој предвидуваше Иран да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за олеснување на меѓународните санкции.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата година се повлече од договорот и воведе остри санкции против Иран.

Франција, Германија и Велика Британија се обидуваат да го спасат договорот и предложија комплициран систем за размена на средства, дизајниран да му обезбеди одредени економски олеснувања на Техеран. Но, иранските власти се жалат дека трите европски земји не успеале да ги ублажат ефектите од американските санкции.