Македонски пораки, американски санкции, руско оружје, уругвајски кокаин...

КИНА - Кина ќе одговори со контрамерки ако САД воведат дополнителни царини за кинескиот увоз, соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи, Хуа Чунинг, без да прецизира какви мерки би биле преземени. Според Кина, наметнувањето нови царини не е решение за трговските несогласувања.

МАКЕДОНИЈА - Продолжуваме да го негуваме наследството за едно општество, продолжуваме со политиките на надминување на поделбите, сите ние Македонци, Албанци, Срби, Роми, Бошнаци, Турци и сите други, сметаме дека е патриотска должност да се помириме и обединиме, а Мечкин камен да биде камен темелник на заедништво и разбирање, не на поделби и каменување, рече премиерот Зоран Заев на централната прослава на Илинден.

МАКЕДОНИЈА - Македонија ги празнува двата светли Илиндена - првиот кој беше крик на поробениот народ, и вториот таа 44-та кој беше продолжение на првиот и кој значеше крунисување на нашата борба за своја Македонска држава, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на одбележување на Илинден во струшкото село Ташмаруништа.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе прати во Европа илјадници терористи од Исламска држава заробени во Сирија, ако европските држави не прифатат да доброволно да ги примат, објавија американските медиуми и новинските агенции.

ГЕРМАНИЈА - Царинската испостава Хамбург соопшти дека германските царински служби заплениле 4,5 тони кокаин во контејнер од Уругвај, со проценета улична вредност од речиси една милијарда евра.

РУСИЈА / САД - Русија и САД објавија крај на важноста на Договорот за ракети со мал и среден дострел, објавија новинските агенции.

ХРВАТСКА - Загрепската полиција соопшти дека шесткратниот убиец на лица од едно семејство извршил самоубиство. За време на потрагата беше лоциран во Брезовица. При обидот за апсење извршил самоубиство, соопштија од полицијата во Загреб.

ИНДОНЕЗИЈА - Силен земјотрес со јачина од 7 степени го погоди индонезискиот остров Суматра, соопшти Американскиот геолошки институт. Индонезиската Агенција за геофизика издаде предупредување за цунами, пренесе Ројтерс.

КОСОВО - Србија, со тоа што се опремува со оружје од Русија, праќа заканувачки пораки за целиот Балкан, изјавил заменик-министерот за одбрана на Косово, Бурим Рамадани.

АВГАНИСТАН - Соединетите држави се подготвени занчително да го намалат бројот на војници во Авганистан со што се овозможува почеток на директни преговори меѓу талибанците и авганистанката влада, поддржана од западот.