Невакцинирани со МРП уште 8.642 деца до 14 години

Вакцинирање на вакцинален пункт во Скопје

Министерството за здравство информира дека вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина, од почетокот на епидемијата со морбили (мали сипаници) во целата држава изнесува 34.214. Од нив, 16.333 деца се вакцинирани на територија на град Скопје, додека пак, 17.881 дете е вакцинирано во останатиот дел од државата.

Од почетокот на епидемијата во декември 2018 до сега, дополнително се аплицирани 6.108 дози на вакцина, од нив повеќе од 60% се дадени на здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, а останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.

Во изминатата недела, пријавени се вкупно 7 случаи, од кои 5 се класифицирани како мали сипаници. Од вкупниот број на пријавени случаи, 4 случаи се од Скопје и еден е од Куманово. Во државата остануваат уште 8.642 невакцинирани деца на возраст до 14 години. Потребно е да се засили спроведувањето на вакцинацијата, особено на предучилишните деца надвор од Скопје.