Заев: Законот за ЈО да не се условува со предвремени избори

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека донесувањето на законот за Јавното обвинителство не треба да се условува со предвремени избори, и дека владата ќе му даде шанса на јавното помирување за да се најде решение.

„Ние не сме за предвремени избори. Решение треба да се изнајде, но не со предвремени избори. Ќе дадеме шанса на јавното помирување за да можат да работат работните групи, а тоа може да се случи уште оваа недела. Би биле лаици и непатриоти ако со предвремени избори ги уништиме актуелните економски бројки“, изјави Заев на прес-конференција во Владата.

Тој додаде дека многу предлози на опозицијата се прифатени и дека во Владата веќе се разгледува предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ за да се најде решение.

Минатата недела ВМРО-ДПМНЕ повторно ги одби поканите на Заев за лидерска средба на која ќе се разговара и за предлог-законот за ЈО, со барање на дневен ред да се стави датум за предвремени избори.