Мисијата за поморска заштита во Ормускиот теснец за Иран е провокација

Портпаролот на иранската влада, Али Рабиеи.

Британскиот предлог за формирање мисија за поморска заштита со европските сојузници во Ормускиот теснец за Иран претставува провокација, изјави денеска портпаролот на иранската влада, Али Рабиеи, објавија светските новински агенции.

Рабиеи, во интервју за новинската агенција Исна, вели дека „слушнале оти Европејците имаат намера да испратат европска флота во Персискиот Залив и дека тоа е испраќање на непријателска порака“.

„Со оглед на тоа што Техеран и Лондон се во конфликт во врска со запленувањето на танкерите, предлогот на Велика Британија да испрати поморска мисија на ЕУ во Персискиот Залив само ќе ги зголеми тековните тензии“, вели портпаролот на иранската влада.