„Катимерини“: Грција нема да ја блокира Македонија во ЕУ, но ќе постави свои услови

Пренесувајќи ставови на грчки аналитичари, весникот „Катимерини“ пишува дека Грција нема да ги блокира амбициите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, но ќе очекува одредени отстапки за возврат. Извори во Кабинетот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за весникот изјавиле дека Грција „нема никому да каже НЕ, но дека ќе постави свои услови“, објави МИА.

Аналитичарите за весникот оценуваат дека ваквиот став значи оти Атина ќе бара од Скопје стриктно почитување на Преспанскиот договор, а во исто време ќе врши притисок врз Берлин да ги прифати грчките барања за намалување на примарните цели на буџетскиот суфицит, наведува „Катимерини“.

Во случајот со Албанија, аналитичарите проценуваат дека Атина ќе инсистира на подобро почитување на правата на припадниците на грчкото малцинство во земјата, во согласност со меѓународните договори и регулативи.