Панајатопулос: Преспанскиот договор направи обврски од кои тешко дека некој ќе се ослободи

Министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос, изјави дека од моментот кога Договорот од Преспа бил потпишан и ратификуван во Парламентот, создава сплет на правни обврски од кои е особено тешко некој да се ослободи.

Според него, кој воедно е и адвокат, единствениот начин договорот во некој момент да се оспори е доколку едната страна суштински ги прекршува условите и додава дека освен тоа, „не е нешто што може да се измени или поништи“, јави дописничката на МИА од Атина .

„Нова демократија, и премиерот лично рече дека ќе стори сé за да го подобри овој договор – кој уште од почеток го карактеризиравме како лош и штетен за нашите национални интереси – да го подобри во различни точки, во корист на земјата. Она што и јас го кажав пред неколку дена и беше извртено е дека е препорачливо да се создаде правна аргументација, доколку едната страна – и мислам Скопје – суштински ги прекршува условите, така што во одреден момент, да може договорот да се оспори врз таа основа. Освен тоа, реално, не е нешто што може да се промени или поништи со еден закон и со еден член, како што во минатото слушнавме лаги за други работи“, вели Панајотопулос во интервјуто за весникот „Параполитика“.