Белорусија најавува протестна нота за тврдењето на Милошоски

Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски

Почесниот конзулат на Република Белорусија во Скопје и Амбасадата на Република Белорусија во Белград преку допис до медиумите информира дека "сè што беше искажано во вчерашното обраќање на пратеникот Антонијо Милошоски во Собранието на Република Северна Македонија се, едноставно, лажни вести". Од таму додаваат дека во врска со овој случај подготвуваат и протестна нота.

Од конзулатот во Скопје наведуваат дека ниту до Амбасадата на Република Белорусија во Белград ниту во Почесниот конзулат на Република Белорусија во Република Северна Македонија во Скопје не се доставени жалби, или дека стопанственик што бил примен на разговор се пожалил за какви било проблеми

"На ден 25 јули 2019 година се извадени лажни вести од страна на пратеник на Собранието на Република Северна Македонија, Антонио Милошоски кои беа проследени во електронските медиуми. Сакаме да посочиме воедно и да потврдиме дека се што беше искажано се едноставно лажни вести" наведуваат од Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје.

Претникот Милошоски на вчерашната седница на Собранието на Република Северна Македонија посветена на пратенички прашања рече дека во Кабинетот на премиерот Зоран Заев дошол белорускиот амбасадор во врска со случај во кој на бизнисмен од Битола, кој добил тендер да работи со РЕК Битола, му биле побарани 250 илјади евра. Тврдењето беше одбиено од премиерот Заев.