Се укинуваат т.н. лихварски договори на специјализантите, тврди Филипче

Венко Филипче

Се укинуваат т.н. лихварски договори на специјализантите. Досега доколку специјализантот ја напуштеше јавната здравствена установа требаше да плати пет или десеткратен износ на сумата која државата ја вложила во неговата едукација во износ од 10.000 до 12.000 евра. Досега специјализантите треба да платат и до 120.000 евра.

Вака денеска министерот за здравство ги објаснуваше усвоените измени во Законот за здравствена заштита, кои, како што рече, се многу важни за подобрување на состојбата во здравствениот систем и кои докторите долго време ги барале.

„Се менува и времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата. За разлика од порано кога беше двапати повеќе, сега е во времетраење еднакво на должината на траењето на специјализацијата“, рече Филипче.

Тој додаде дека значајна новина на барање на сите лекари специјалисти од јавните здравствени установи е и воведувањето дополнителна работа. Според него, досегашното наплатување на услуга од дополнителна дејност на докторите се менува целосно, односно зафатот ќе биде покриен од Фондот за здравство, а ќе се наплатува само за ангажманот на докторот и неговиот тим по однапред утврден и одобрен ценовник.