Радев со вето за купување американски авиони

Румен Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев стави вето на спорното купување американски борбени авиони Ф-16. Како причини Радев ги наведе високата цена, недоволната опрема и зголемувањето на буџетскиот дефицит што таа нарачка го повлекува со себе.

Според договорот со американскиот произведувач, целата сума треба да се исплати пред септември, а авионите да се испорачаат до почетокот на 2024 година. Бугарската Влада на 10 јули донесе одлука за купување осум нови американски воени авиони Ф-16 од компанијата „Локид Мартин“ по цена од 1,25 милијарди американски долари (1,12 милијарди евра).

По ова вето, Парламентот мора повторно да се изјасни за договорот. Претседателот не може да се спротивстави доколку договорот вторпат помине во Парламентот.

Радев, поранешен командант на воздухопловните сили, беше избран во 2016 година со поддршка на социјалистичката опозиција.