Колку гласно морам да викнам за да ме чујат?

Годинешниот настан „МКЦ за Скопје“ ќе се одржи во паркот пред МКЦ со музички промоции, детски работилници и со кино на трева.

Мултимедијалниот културен настан „МКЦ за Скопје“, кој традиционално се одржува на 26 јули, оваа година ќе се одржи во паркот на МКЦ. Целта, како што вели организаторот, е да се потсетиме на хуманоста на скопјани.

Настанот е бесплатен, a програмата ќе започне во 18:30 часот со детските работилници на уметникот Доротеј Нешовски и писателката Билјана Црвенковска.

Програма на настанот „МКЦ за Скопје 2019“

Потоа следуваат слушачки промоции на LP компилациите „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат?“ и „Има ли забава - Macedonian new wave 1981-1985“ од Тошо Филиповски како и промоција на неговата нова книга „МАКЕДОНСКА ДИСКОГРАФИЈА - ВИНИЛИ (1958-2019), Прв Том“, која ќе може да се купи по промотивна цена.

По промоциите, во музичкиот дел од настанот, ќе настапат Светлост, Јордан Костов Трио и Роботек.

Настанот ќе заврши со кино на трева: „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде и Данило Шербеџија.