Хан на средби со Заев, Мицкоски и Пендаровски на 25 јули во Скопје

Архивска фотографија: Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан му го предаде Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на премиерот Зоран Заев во Скопје на 18 април 2018

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан на 25 јули ќе допатува во Скопје и ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски и лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потврдиле од Европската комисија за МИА.

Агендата на посетата сѐ уште не е позната, но засега потврдени се овие три средби на кои ќе се разговара за реформите поврзани со ЕУ и европските перспективи на земјата, велат од ЕК.

Хан од Скопје истиот ден ќе замине за Белград каде треба да се сретне со претседателот и со премиерот. На агендата во Србија се ЕУ реформите и регионалните прашања, соопштија од Европската комисија.