Турскиот министер за надворешни работи во посета на Македонија

Мевлут Чавушоглу

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, по покана од министерот за надворешни работи Никола Димитров, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Севкупните билатерални односи меѓу двете традиционално пријателски земји и можностите за зајакнување на соработката во сите области од заемен интерес, се темите за кои ќе разговараат на денешната средба министрите Димитров и Чавушоглу, најавија од МНР.

За време на посетата, во просториите на Министерството, Димитров и Чавушоглу официјално ќе ја пуштат во употреба техничката опрема за дигитализација на дипломатскиот архив на МНР. Проектот е поддржан од Министерството за надворешни работи на Република Турција, а финансиран од турската агенција за соработка и развој – ТИКА.

Предвидено е министерот Чавушоглу денеска да биде примен и од премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.