МЗ: Не е отворена набавка за мамографи, се разгледуваат предлози

Министеррот за здравство Венко Филипче

Од ВМРО ДПМНЕ денеска на пресс конференција обвинија дека во јавноста има информации за набавка на осум нови мамографи по цена од 85 милиони денари. Како што посочуваат од партијата официјалните податоци говорат дека во минатото шест мамографи се набавувале во вредност од 35 милиони денари.

"Разликата е огромна и прашањето е каде ќе завршат парите на граѓаните" прашуваат од ВМРО ДПМНЕ

Министерството за здравство реагираше за денешната прес-конференција на опозициската политичка партија,наведувајќи дека нема сомнителни тендери.

Од таму посочуваат дека согласно Законот за јавните набавки Договорниот орган може, по донесување на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот за јавна набавка, да спроведе технички дијалог со економските оператори.

"Со самото тоа што Министерството за здравство објавило технички дијалог и овозможило секој економски оператор да даде свои мислења и коментари, може да се види отвореноста и транспарентноста на самата постапка, иако Законот за јавни набавки дава можност да не се спроведе техничкиот дијалог.Во ова фаза на постапката (технички дијалог), 4 (четири) економски оператори доставија коментари и предлози во однос на тендерската документација и истите се разгледуваат од страна на стручни лица" се вели во реакцијата на Мнистерството за здравство.

Министерството за здравство, Ви стои на располагање и отворено е за какво било појаснување или одговор во секое време, пред да се пласираат неточни информации во јавноста, кои внесуваат забуна, паника и се на штета на пациентите.