Антикорупциска со предупредување до судиите од Врховниот суд

Архивска фотографија, општа седница во Врховен суд. Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски

Судиите на Врховниот суд против кои се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување од функциите, не треба да учествуваат во расправата и одлучувањето на општата седница каде ќе се утврдува начелното правно мислење по поднесените иницијативи, укажува Државната комисија за спречување на корупцијата.

До оваа реакција дојде откако адвокати поднесоа Иницијативи за носење на начелен став, односно начелно правно мислење по прашањето за тоа кој Закон за судовите, како материјален закон, ќе се применува од страна на Судскиот совет за веќе започнатите постапки за одговорност на судии во ситуација кога против 9 судии од Врховниот суд се отворени постапки во Судскиот совет.

Во соопштението е наведено дека според три члена од законот за спречување на корупција, во нивната постапка има основа за конфликт на интереси.

Во иницијативата, адвокатите сугерираат за предложените судии за разрешување да важи новиот Закон за судови, донесен 2019 година. Новиот е поблаг од стариот Закон за судови, зашто дава можност судијата при тешка дисциплинска повреда, да може и да не биде разрешен од функцијата. Во стариот закон, за судија за кого е поднесена иницијатива за разрешување, ако биде ставен на дневен ред, има опција само најстрога казна.