Могерини за РСЕ: Голема грешка ќе биде ако нема датум за Северна Македонија и Албанија во октомври

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини денеска за Радио Слободна Европа на Самитот за Западен Балкан во Познањ изјави дека ќе биде грешка доколку ЕУ не одреди датум за преговори за Северна Македонија и Албанија во октомври. Таа на прашањето запротивењето на францускиот претседател Емануел Макронза проширувањето на ЕУ порача дека верува во процесот.

„Јас верувам дека проширувањето мора да биде кредибилно и ако земјите членки на ЕУ не донесат одлуки, особено за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија во октомври, мислам дека тоа ќе биде голема грешка“, рече Могерини.

На самитот во Познањ таа смета дека била обновена посветеноста од сите членки на Берлинскиот процес за Западен Балкан. Според Могерини, самитот е за остварување економска соработка, за инвестиции и транспорт.

„Има многу пред се економски инвестиции, но исто така има голема политичка волја да се изградат конкретни проекти во корист на граѓаните. Но, да подвлечам ова не е замена за перспективата на проширување. Сите земји од регионот треба да знаат дека нивната иднина може да биде во ЕУ, ако процесот добро се одвива“, додаде таа.

На прашањето за дијалогот меѓу Србија и Косово, Могерини порача дека верува оти е можен договор и дека двете страни се блиску до негово постигнување. Но, како што потенцира таа, додека не се укинат царините на Косово за увоз на стока од Србија и БиХ не гледа услови за обнова на дијалогот на највисоко ниво, иако елементите се поставени.