Скопје и Софија идни претседавачи на Берлинскиот процес

од самитот на земјите од Западен Балкан во Познањ

Во Познањ денеска во рамки на самитот на земјите од Западен Балкан ќе биде одржан централниот настан – состанокот на шефовите на држави или влади на кој треба да биде објавено идното заедничко претседавање на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите. „На Самитот за Западен Балкан во Познањ, на заедничка прес-конференција на премиерот Заев со премиерот на Полска Матеуш Моравјецки, со канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, и со претседателот на Владата на Бугарија Бојко Борисов, кој ќе се одржи во 15 часот, ќе биде објавено дека Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес во наредните 12 месеци. Претседавањето на Северна Македонија и Бугарија ќе финализира во јули 2020 година со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и Скопје“, информираат од владината прес-служба. Ова е прв пат една земја членка од Западен Балкан, кандидат за членство во ЕУ, како што е Северна Македонија, да копретседава со Берлинскиот процес и заедно со Бугарија, земја членка, да ги организира и координира проектите за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на Западен Балкан.