Северна Македонија и Бугарија ќе претседаваат со Берлинскиот процес

Зоран Заев и Бојко Борисов

Северна Македонија и Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на регионот во наредните 12 месеци. Ова ќе биде соопштено во рамки на Самитот за Западен Балкан во Познањ, Република Полска. На годишниот Самит за Западен Балкан, македонската владина делегација ќе ја предводи премиерот Зоран Заев утре.

„Претседавањето на Северна Македонија и Бугарија ќе финализира во јули 2020 година со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и Скопје“, информираат од Владата.

Оттаму потенцираат дека од почетокот на оваа иницијатива, за прв пат се случува една земја членка од Западен Балкан, кандидат за членство во ЕУ, како што е Северна Македонија, да копретседава со Берлинскиот процес и заедно со Бугарија, земја членка, да ги организира и координира проектите за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на Западен Балкан.

Програмата за шефови на држави и влади на Самитот за Западен Балкан ќе се одржи на 5 јули, во петок, кога премиерот на Полска Матеуш Моравјецки ќе ги пречека шефовите на делегациите на земјите од Западен Балкан, како и канцеларката Ангела Меркел и членовите на владината делегација на Германија која е покровител на иницијативата Берлински процес и има за цел да го помогне зајакнувањето на капацитетите на земјите од регионот во нивните евроинтеграциски процеси.