Извинувања, закани и ураниум...

МАКЕДОНИЈА - УЈП информира дека апликацијата Мој ДДВ е безбедна за преземање и инсталирање со цел граѓаните да го остварат правото на поврат на 15 отсто од платениот ДДВ. УЈП ги уверува граѓаните дека нивните податоци се максимално заштитени и без да стравуваат да ја преземат апликацијата која што е поставена и на нивната веб-страна http://www.ujp.gov.mk.

МАКЕДОНИЈА - Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски денеска изјави дека нема да поднесе оставка од функцијата. Тој посочи дека аудио записот на кој, според ВМРО-ДПМНЕ, се докажувало местење на тендер за набавка на радарски систем финансиран од Европската банка за реконструкција и развој (ЕБОР) е даден на вештачење. Рашковски кој го објаснуваше целиот процес на тендерот не сакаше да ја коментира аудио снимката, туку само порача дека треба да се почека на разврската од надлежните институции. Тој се извини на навредените и најави тужби за новинари.

НИГЕРИЈА - Над 50 лица загинале во нигериската сојузна држава Бенуе во експлозија на цистерна, јавија новинските агенции, повикувајќи се на информациите од локалните медиуми.

IRAN - Светските сили го повикаа Техеран да се придржува кон нуклеарниот договор од 2015 година откако Иран соопшти дека ги зголемил залихите на збогатен ураниум. Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека нејзините инспектори утврдиле дека границата од 300 килограми на збогатен ураниум е надмината.

РУСИЈА - Во пожар што избувнал во руска воена подморница загинале 14 морнари, јавуваат руските новински агенции, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.

АВГАНИСТАН - Мировен самит за Авганистан ќе се одржи на 7 и 8 јули во Катар на кој наводно нема да учествува авганистанската влада. Самитот беше најавен по обидите на преговарачите на САД и на талибанците да постигнат договор за условите за мирно решавање на конфликтот и по бомбашкиот напад во Кабул, за кој одговорност преземаа милитантите. Во нападот загинаа најмалку 6 лица, а беа повредени 105, при што 5 милитанти беа убиениво престрелката со безбедносните сили.

РУСИЈА - Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални е осуден на 10 дена затвор под обвинение дека го прекршил законот додека присуствувал на непријавен протест кој имаше за цел да изврши притисок врз властите по апсењето на новинар во јуни.

УКРАИНА - Украинските власти соопштија дека двајца војници загинале, а двајца се повредени во борбите со проруските сепаратисти во источна Украина. Министерството за одбрана соопшти дека сепаратистите го прекршиле примирјето 25 пати во текот на 24 часа.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран си игра со оган откако Техеран соопшти дека го надмина лимитот на слабо збогатен ураниум што е дозволен со нуклеарниот договор постигнат со светските сили во 2015 година. Тие знаат што прават. Знаат со што си играат и јас мислам дека тие си играат со оган, им кажа Трамп на новинарите во Белата куќа.