Тешки дела, тежок ураниум, тешки критики...

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против шест лица, осомничени дека сториле тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кои резултираа со сообраќајната несреќа на автобусот на Дурмо турс во која 16 лица го загубија животот, а вкупно 38 патници се здобија со тешки телесни и телесни повреди.

МАКЕДОНИЈА - Ново вештачење на 31 телефон ќе биде изработено и претставено како нов доказ на судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година. Судијата Огнен Ставрев појасни дека телефоните биле одземени при претрес направен за време на првичната истрага. Според него, сега ќе се прави вештачење со нова технологија што тогаш не била достапна.

ТУРЦИЈА / МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Големото национално собрание на Турција Мустафа Шентоп најави дека најдоцна за еден месец Турција ќе го ратификува Протоколот за членство на нашата земја во НАТО.

МАКЕДОНИЈА - Истражувачката организација Белигкат соопшти дека има докази кои покажуваат оти висок офицер на Руската воена разузнавачка служба од хотел во Лондон го координирал нападот со нервен гас врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во март 2018 година. Станува збор за Денис Сергеев, кој во тоа време бил активен офицер на ГРУ.

ФРАНЦИЈА - Францускиот претседател Емануел Макрон упати критика по неуспехот на самитот на ЕУ да се донесе одлука за клучните позиции во европскиот блок. Но, тој додаде и дека се надева на договор.

АВГАНИСТАН - Најмалку едно лице загинало, а 65 се повредени во експлозија на автомобил бомба во главниот град на Авганистан, Кабул проследена со престрелка меѓу вооружена група и безбедносните сили.

ИРАН - Иран го надминал ограничувањето на залихите на збогатен ураниум одредено со нуклеарниот договор од 2015 година меѓу земјата и светските сили, јавија локални медиуми. Новинската агенција Фарс јави дека Меѓународната агенција за атомска енергија потврдила дека била надмината границата од 300 килограми. Се уште нема коментар од агенцијата.

СИРИЈА / ИЗРАЕЛ - Израелските власти спровеле воздушни напади врз позиции на силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад во близина на Дамаск и во покраината Хомс. Новински агенции јавија дека сириските безбедносни сили соопштиле дека ракети биле истрелани од израелски воени авиони кои летале во воздушниот простор над Либан.