Путин и Абе го поздравија дијалогот за спорните Курилски острови

Рускиот претседател Владимир Путин и јапонскиот Премиер Шинзо Абе на самитот Г20 во Осака.

Рускиот претседател Владимир Путин и јапонскиот премиер Шинзо Абе се согласија да ги прошират билатералните економски врски, но не успеаја да постигнат напредок кон мировен договор за формално завршување на Втората светска војна. Двајцата лидери денеска се сретнаа во Осака по завршувањето на самитот на Г20.

Абе за новинарите изјави дека во разговорите со Путин изразиле заедничка решеност да го решат територијалниот спор околу четрите најјужни Курилски острови кои Советскиот сојуз ги зазема од Јапонија во завршните денови од војната. Јапонија никогаш не го призна овој потег и островите ги смета за „Северни територии.“

Лидерите се согласија да продолжат со заеднички економски активности на спорните острови. Абе исто така објави поедноставена визна процедура за руските бизнисмени и туристи кои патуваат во Јапонија.

Путин изјави дека е во тек „суштински дијалог“ за територијалните прашања и дека тој дијалог ќе продолжи.