За двајца од осомничените мерки на претпазливост место притвор

Основно јавно обвинителство во Скопје.

Две од десетмината осомничени, кои утринава беа уапсени по наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција, добија мерки на претпазливост место притвор.

„Во текот на денешниот ден, откако осомничените дадоа искази пред Судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот обвинител кој постапува во предметот за две од осомничените лица го повлече предлогот за определување на мерката притвор и му предложи на судот за овие лица да бидат определени мерки на претпазливост и тоа: одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање, забрана за напуштање на живеалиште, повремено јавување на службено лице во судот и забрана за вршење дејности на работното место кои се поврзани со предметното кривично дело“, се наведува во соопштението од Обвинителството, но не се посочува за кои две лица се работи.

Осомничените се сомничат дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, а едно лице се сомничи за несовесно работење во службата. Тие со противзаконските дејствија што ги направиле го оштетиле Буџетот во износ од 2.647.802 милиони евра.