Шекеринска по втор пат на министерски состанок на НАТО

Архивска фотографија- министерката за одбрана Радмила Шекеринска

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска пред почетокот на министерскиот состанок на земјите членки на НАТО за одбрана попладнево порача дека Северна Македонија ќе учествува на сите дискусии кои ќе се водат овие два дена во Алијансата, вклучително и најсензитивните.

“Ова е втор пат како министерка за одбрана да бидам присутна на состанокот за одбрана на НАТО. Фактот дека и ние седиме на иста маса, дека ние практично го делиме генералниот секретар од секретарот за одбрана на САД покажува дека Северна Македонија не е веќе само партнер, како сите овие години туку дека стануваме сојузник, за нас не се затвораат веќе вратите кога треба да се разговара за сензитивни прашања и ние учествуваме со наши ставови”, изјави за новинарите министерката Шекеринска.

На министерскиот состанок една од главните теми ќе биде прекршувањето од страна на Русија на нуклеарната повелба за ракети од среден дострел. Русија има до 2 август да се усогласи со повелбата, во спротивно земјите членки ќе преземат мерки за да одговорат на ризиците. На овој состанок земјите членки ќе разговараат и подготвуваат чекорите кои ќе ги преземат доколку Москва го пробие зададениот рок. За Северна Македонија е од исклучителна важност НАТО да остане обединета по ова прашање со Русија и тоа е пораката што ќе ја пренесе Радмила Шекеринска на своите сојузници.

Министерката Шекеринска истакна и дека ќе ги користи сите можности овие два дена да разговара со земјите кои сѐ уште не го ратификувале пристапниот протокол за Северна Македонија.