Мониторинг на ПССЕ: Северна Македонија постигна напредок, сега реформите да се преточат во пракса

European Elections countries EU flag

Северна Македонија постигна значителен напредок во измината година, но сега останува донесените реформи да се применат на дело, стои во извештајот од следењето на обврските на Република Северна Македонија, што известувачите Лиза Кристоферсе и Валериу Гилечи го презентирале пред Комисијата за следење на обврските на земјите, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Во расправата зад затворени врати, практика на комисијата поради доверливоста на извештаите, двата известувачи забележале дека по нивната последна посета во јуни 2018 година, се случија големи промени: земјата одржа референдум и ратификува историски договор што овозможи, да се реши проблемот со името и ека Северна Македонија е поканета да се приклучи на НАТО.

„Во последниве неколку месеци започнаа значителни реформи. Законите во врска со судовите и Судскиот совет се усвоени во согласност со препораките на Венецијанската комисија. Донесен е закон за антидискриминација кој ја опфаќа сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација. Институцијата на народниот правобранител е зајакната, како и контролата на полициските сили. Со донесувањето на новиот Закон за разузнавачките служби треба да се одговори на проблемите поврзани со нелегално прислушкување на разговори, практика која ја втурна земјата во сериозна политичка криза. Сега тие очекуваат овие позитивни случувања да бидат потврдени со целосна имплементација на неодамна усвоените закони и преточени во видливи резултати. Ова може да ги промени перцепциите на луѓето и да им даде доверба во нивните институции, вклучувајќи го и нивниот правен систем“, се вели во извештајот.

Во овој контекст, тие го нагласуваат иконструктивното однесување на главната опозициска партија, ВРМО-ДПМНЕ, чиј единствен претставник, Никола Поповски беше присутен на работата на комисијата во Стразбур.