Столтенберг очекува Северна Македонија да стане членка на НАТО во декември

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Скопје

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изрази надеж дека процесот на ратификација на пристапниот протокол за Северна Македонија ќе се заврши до декември и дека на претстојниот самит на НАТО во Лондон земјата ќе стане полноправна членка.

„Сите сојузници го потпишаа пристапниот протокол во февруари и потоа започнаа ратификациите, ратификациите одат доста брзо, обично, како што беше кога Црна Гора се зачлени, потребна е околу една година. Не е до мене колку брзо ќе ратификуваат, но би било многу добро ако можат да завршат до декември кога во Лондон ќе се состанат лидерите. Ако не биде тогаш, очекувам да се случи брзо потоа“, изјави Столтенберг.

Столтенберг ја упати пораката пред министерскиот состанок за одбрана кој ќе се одржи утре и задутре во Брисел и на кој учествува македонската министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска.