Меркел ветува, Путин предупредува, Ердоган очекува...

МАКЕДОНИЈА / ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ќе се заложи за одредување датум за почеток на преговори на Северна Македонија за членство со ЕУ, јави МИА. Меркел истакна и дека лидерите на ЕУ за време на дводневниот самит во Брисел разговарале за Северна Македонија.

МАКЕДОНИЈА - Бобан Илиќ обвинет за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, во случајот со четиригодишниот Алмир од Куманово, повторно е осуден на шест години затвор. Ова е втора иста пресуда за него откако Апелациониот суд го врати случајот на повторно судење.

САД - Њујорк тајмс објави дека американскиот претседател Доналд Трамп одобрил воени напади врз Иран, во знак на одмазда за уривањето на американското беспилотно летало, но нагло ја отповикал мисијата.

РУСИЈА - Русија ги обвини САД дека намерно предизвикува опасни тензии со Иран и ја турка ситуацијата на работ на војна. Москва го повика Вашингтон да ги разгледа можните последици од конфликтот со Иран.

ИРАН - Иран соопшти дека има неспорни докази дека американското беспилотно летало кое беше соборено, го нарушило воздушниот простор на земјата. 

УКРАИНА - Украинскиот суд донесе одлука дека поранешниот грузиски претседател Михаил Сакашвили може да се кандидира на парламентарните избори во земјата закажани за 21 јули.

ГРУЗИЈА - Грузиските власти соопштија дека 240 луѓе биле хоспитализирани со повреди за време на протестите, меѓу кои има и 80 полицајци. Според властите, повеќе од 100 лица биле задржани во болница.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека испораката на руските рактени системи С-400 во земјата ќе почне во првата половина на следниот месец.

АВГАНИСТАН - Специјалниот инспектор за реконструкција на Авганистан (СИГАР) во извештајот до Конгресот соопштува дека САД потрошиле речиси 84 милијарди долари на авганистанските сили кои продолжуваат да се соочуваат со тешки загуби, дезертерство и проблеми со организацијата и логистиката.