Индија воведува возвратни тарифи на 28 американски производи

Архивска фотографија: Индискиот премиер Нарендра Моди и американскиот претседател Донлад Трамп

Индија воведува повисоки тарифи за 28 американски производи како мерка против чекорот на Вашингтон да ги укине клучните трговски привилегии за Њу Делхи. Според владиното соопштение, повисоките тарифи почнуваат од денеска и меѓу другото ќе се однесуваат на бадеми, јаболка и ореви.

Американскиот претседател Донлад Трамп зазема цврст став околу трговските прашања и воведе или се закани дека ќе воведе тарифи против неколку држави или организации, меѓу кои Кина, Мексико, Канада и ЕУ. Некои бизнис лидери и економисти стравуваат дека повеќекратниот трговски спор може да ја забави светската економија.

На 5 јуни, Трамп ги укина трговските привилегии во рамките на Генерализираниот систем на преференци за Индија, која беше најголем корисник на преференците кои овозможуваа бесцарински извоз до 5,6 милијарди долари.

Индија го оцени потегот како „несреќен“ и најави дека ќе ги брани националните интереси.

Трговската размена меѓу двете земји во 2018 година беше 142 милијарди долари.

Трамп и индискиот премиер Нарендра Моди треба да се сретнат на Самитот Г20 на 28 и 29 јуни во Осака, а многу веројатно на агендата ќе бидат и трговските прашања.