Македонска есен...

МАКЕДОНИЈА / ГЕРМАНИЈА - Бундестагот во септември ќе донесе одлука за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, соопшти владината прес служба по средбата на премиерот Зоран Заев со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин на која присуствуваа и заменик претседателот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

МАКЕДОНИЈА - Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов изјави дека постапката за депонијата Дрисла не можела да биде прекината и покрај нејзината контроверзност, бидејќи ќе имало многу последици за Градот, и затоа е избран конзорциумот во кој се наоѓа и германската фирма Шолц.

ХОЛАНДИЈА / МАКЕДОНИЈА - Холандскиот парламент се изјасни против отворањето на преговорите со ЕУ за Албанија, но ја отфрли истата резолуција што се однесува на Северна Македонија.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин за време на самитот на Групата 20 во Јапонија кон крајот на овој месец. Кремљ пак соопшти дека не добил потврда од Вашингтон за евентуална таква средба. Нивниот последен состанок, беше во јули 2018 година во Хелсинки.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека односите меѓу Вашингтон и Москва стануваат се полоши. Тој додаде и дека моменталната американска администрација вовела десетици санкции врз Русија. Путин ја даде изјавата пред самитот на Г20 во Јапонија кој ќе се одржи кон крајот на месецов и каде можеби ќе сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Проевропски организации соопштија дека ќе одржат марш за промени против Брегзит на 20 јули во Лондон. Владејачката конзервативна партија е во процес на избор на наследникот на премиерката Тереза Меј, а се очекува неговото име да биде познато при крајот на јули.

САД / ПОЛСКА - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во Вашингтон дека ќе испрати дополнителни илјада американски војници во Полска во рамките на проширувањето на безбедносниот и економски сојуз.

ОМАН - Десетици членови на екипажот беа спасени од два нафтени танкери кои наводно биле нападнати и ги зафатил пожар во Оманскиот Залив. Инцидентите се случија по еден месец откако беа нападнати четири танкери во близина на Обединетите Арапски Емирати со што се зголемија тензиите меѓу Техеран и Вашингтон и американските сојузници во Персискиот Залив. Според соопштението, 44 членови на екипажот биле безбедно евакуирани од страна на Иран.

ВЕНЕЦУЕЛА / РУСИЈА - Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Риабков изјави дека планира да ја посети Венецуела во наредните недели. Русија ја снабдува Венецуела со оружје и кредити, а во март испрати и околу 100 војници за поддршка на претседателот Николас Мадуро.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот министер за внатрешни работи Саџид Џавид изјави дека ја потпишал наредбата за есктрадиција во САД на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Според него, крајната одлука за есктрадицијата на Асанж треба да ја донесе британскиот суд.