ССНМ ги осудува заканите на првиот човек на Советот на обвинители Штерјев кон новинарите

Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) најостро го осудува денешното однесување на претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев. Како што пренесува порталот А1он, Штерјев денеска им упатил недолични пораки на новинарите на овој медиум преку нивни колега, нарекувајќи ги „неуки“, „недоквакани“ и ред други навреди.

ССНМ потенцира дека ваквото однесување на избраните функционери е недозволиво и суштински поттикнува непријателско однесување кон медиумските работници, па дури и напади кон новинарите.

„Сакаме да го потсетиме Штерјев дека слободата на медиумите е еден од најважните, ако не и најбитниот столб на едно демократско општество и дека ваквите испади не одат во прилог на никого. Од соопштението на А1он се разбира дека непријателството на Штерјев потекнува од начинот на известување на овој медиум и сакаме да потенцираме дека доколку некој функционер или било кој граѓанин е незадоволен од начинот на којшто известуваат медиумите постојат многу поцивилизирани начини да се разрешат недоразбирањата“, стои во соопштението од ССНМ.