Од Меркел и Заев до авганистанските талибанци

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изјави дека политичките одлуки во земјата за тоа дали ќе има реконструкција на Владата или предвремени избори ќе зависат од одлуката на Европскиот совет и како европските земји ќе ги постават работите, како и од пораките што ќе ги добие од германската канцеларка Ангела Меркел на претстојната средба во четврток во Берлин.

МАКЕДОНИЈА - Во Кривичнот суд, на рочиштето за случајот Таргет - Тврдина, обвинетиот Сашо Мијалков вкрстено го испрашуваше сведокот Звонко Костовски од петата управа во МВР. Мијалков го праша Костовски дали може да докаже дека прислушуваните разговори се снимени во МВР. На што Костовски одговори дека има неколку индикации за тоа.

МАКЕДОНИЈА - Република Чешка ја поддржува Северна Македонија и ќе направиме сѐ за што побргу да ги почнете преговорите за членство во ЕУ и да станете полноправен член на НАТО, изјави чешкиот премиер Андреј Бабиш, по средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје.

КОСОВО - За да се унапреди процесот на дијалогот меѓу Косово и Србија, неопходен е еден рамковен договор со кој ќе се дефинираат темите за кои двете земји можат да најдат решение, изјави косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

РУСИЈА - Адвокатите на рускиот истражувачки новинар Иван Голунов поднесоа жалба до судот во Москва за укинување на куќниот притвор. Голунов, кој работи за новинската агенција Медуза е обвинет за обид за продавање на наркотици. Новинари, активисти и поддржувачи за утре најавија протести на кои ќе се бара ослободување на Голунов, кој ги негираше обвиненијата.

АВГАНИСТАН - Авганистанските специјални сили спасиле 44 лица од затвор кој бил раководен од талибанците во северната покраина Бахлан. Локалните власти соопштија дека меѓу ослободените затвореници има цивили и припадници на безбедносните сили.

УНГАРИЈА - Спасувачките екипи пронашле четири тела откако беше извлечен потонатиот брод од дното на Дунав во Будимпешта во кој се превезуваа туристи од Јужна Кореја и кој потона пред две недели.

УКРАИНА - Шест лица загинале во пожар во психијатриска болница во украинскиот пристанишен град Одеса. Властите соопштија дека пет лица биле хоспитализирани, а меѓу жртвите се медицинска сестра и пет пациенти.

ХРВАТСКА / БИХ - Министерството за внатрешни работи на Хрватска на граничниот премин Маљевац кон Босна и Херцеговина постави висока метална заштитна ограда, која треба да ги спречи мигрантите илегално да влезат во земјата.