Трамп во официјална посета на Јапонија

Архивска фотографија- американскиот претседател Доналд Трамп

Претседателот на САД Доналд Трамп пристигна во Јапонија. Од оваа државна посета се очекува да се покажат силните врски на двете земји и покрај актуелните трговски несогласувања. Трамп и неговата сопруга Меланија пристигнаа денеска по 14 часовен лет со државниот авион, а во Јапонија ќе престојуваат до 28 мај.

На посетата на Трамп се гледа како на дел од дипломатската офанзива на јапонскиот премиер Шинзо Абе за која аналитичарите сметаат дека засега ја спасила Јапонија од протекционистичките мерки на американскиот претседател. Тој, пак, не се откажува од можноста да воведе царини и за увозот на јапонски автомобили и делови за автомобили. Американските царини за алуминумот и челикот од Јапонија се уште се во сила.

За време на посетата Трамп се очекува да разговара и со новиот јапонски император Нарухито. Со тоа американскиот претседател ќе стане првиот светски лидер со кој се сретнал Нарухито по преземањето на тронот претходно месецов.