Жбогар очекува отворање на преговорите со ЕУ

Евроамбасадорот Самуел Жбогар

Евроамбасадорот Самуел Жбогар денеска изјави дека очекува во извештајот на Европската комисија кој треба да се објави наредната недела да биде нотиран, како што посочи, огромниот напредок кој бил постигнат во државата изминатата година. Тој порача и дека е убеден оти во извештајот ќе се препорача отворање преговори. Според него, одлуката за отворање на преговорите ја носат земјите членки на ЕУ врз основа на извештајот на ЕК.

„Таквата одлука очекуваме да се случи во јуни и се надеваме дека токму тоа ќе се случи. Сметам дека земјата во измината година навистина ја покажа својата посветеност на Европската Унија и на реформите. Се донесоа некои важни одлуки и опозицијата и Владата работат на многу важни закони и сметам дека имате со што да се пофалите и се надевам, исто така, дека ќе бидете пример во регионот за земја која е посветена на реформи“, рече евроамбасадорот Жбогар, кој денеска беше во Струмица на културно-уметничкиот проект „Уметност и вода – магија на животот“.