Филипче: Ни недостигаат околу 350 матични лекари

Министерот Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека се соочени со недостаток на лекари на примарно ниво во некои од регионите во земјата. Според него, вкупниот број на матични лекари кој недостига е околу 350.

„Бројот на доктори кои недостасуваат сакаме да го надополниме преку субвенција на специјализација по специјалноста семејна медицина за секој млад доктор што ќе покаже интерес, на тој начин сакаме да имплементираме европски стандарди заради тоа што курикулумот на специјализацијата за семејна медицина е според стандардите во Европската Унија“, рече Филипче на одбележувањето на Денот на семејниот лекар во Медицинскиот факултет.

Координаторот на Центарот за семејна медицина, д-р Катарина Ставриќ информира дека 330 специјалисти по семејна медицина и 80 лекари се во процес на доедукација и специјализација. Таа вели дека бројката е мала имајќи во предвид дека околу 1.500 матични лекари работат на територија на државата.