Обвинувања и извинувања

МАКЕДОНИЈА - Во Апелацискиот суд во Скопје, со исказ на адвокатите од одбраната, продолжи јавната седница по жалбите на 33-та осудени лица за крвавата престрелка во кумановско Диво насеље. Адвокатот Еленко Миланов, рече дека основна грешка во оваа постапка е во обвинителството и правната квалификација тероризам.

МАКЕДОНИЈА - Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија најавија дека ќе поднесат иницијатива до Собранието, сите пратеници доброволно да направат тест закористење на наркотици.

МАКЕДОНИЈА - Комисијата за заштита од дискриминација соопшти дека не е дискриминирачка забраната за запишување и прием на невакцинирани деца во градинките и училиштата. Комисијата оценува дека мерката за забрана, соодветствува на реалните потреби и е оправдана.

САД - Лидерите на демократите и на републиканците во американскиот Конгрес добиле одредени доверливи информации за Иран, додека членовите на двете партии бараат повеќе податоци за наводите на Белата куќа за растечките тензии на Блискиот Исток.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин изјави дека нема шанси да се постигне договор за сите аспекти на Брегзит и тој да помине во британскиот Парламент до крајот на јули откако пропаднаа преговорите со власта.

КОСОВО - Пратеничката на владејачката Демократска партија, Флора Бровина (десно на фотографијата), по испитувањето во полиција им се извини на граѓаните на Косово, посебно на жените кои биле жртви на сексуално насилство и на нивните семејства. Бровина за време на пленарна седница во косовскиот Парламент објави фотографија за која тврдеше дека е доказ за сексуално насилство за време на војната во Косово. Таа изјави дека можеби се работи за фалсификуван документ кој е злоупотребен околу 2003 година кога ѝ бил предаден додека ја извршувала функцијата претседател на Комисијата за исчезнати личности.

ВЕНЕЦУЕЛА - Лидерот на опозицијата во Венецуела, Хуан Гваидо, изјави дека нема преговори меѓу опозицијата и власта во Осло, туку дека е во прашање посредување на Норвешка во обидот за решавање на кризата.