Бугарскиот министер за земјоделие поднесе оставка

Бугарскиот министер за земјоделие, храна и шуми, Румен Порожанов

Бугарскиот министер за земјоделие, храна и шуми Румен Порожанов, денеска поднесе оставка поради скандал во врска со купување луксузни недвижности и изградба на мотели со средства од ЕУ, пренесува бугарскиот портал „Новините“. Владината прес служба соопшти дека Порожанов ги негирал обвинувањата, но рекол дека не сака нападите врз него да ѝ пречат на работата на бугарската влада, па затоа премиерот Бојко Борисов ја прифатил неговата оставка.

Порожанов поднесе оставка откако обвинителството покрена истрага за можна измама во врска со средства за рурален развој од ЕУ кои биле искористени за изградба на повеќе од 700 мотели. Според локалните медиуми, Порожанов наводно си купил голем стан во 2004 година, по цена многу пониска од пазарната. Според други извештаи, тој не ги пријавил договорите за недвижности на сопругата во 2017 година.