Пораките на Европа, случаите на Заев и ракетите на Ким

МАКЕДОНИЈА - Првите пари со новото име на државата ќе бидат пуштени во оптек на почетокот на наредната година. Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска денеска изјави дека најпрво ќе бидат пуштени банкнотите од 500 денари, а потоа и оние од 10.

МАКЕДОНИЈА - Државната комисија за спречување на корупција отвори предмети за четири случаи поврзани со премиерот Зоран Заев додека бил градоначалник на Струмица. Предметите се однесуваат на изградбата на трговскиот центар Глобал, таканаречениот случај Едно евро за Вицето, како и за продажба на касарна во Струмица и за бугарските фирми на Заев.

МАКЕДОНИЈА - 69-годишнината на ЕУ, во Македонија беше одбележана со традиционалниот ЕУ-појадок на кој евроамбасадорот Самуел Жбогар повика на единство за европска иднина на Македонија, а новиот претседател Стево Пендаровски го честиташе Денот на Европа со желба во јуни да стасаат добри вести од Брисел.

РОМАНИЈА - Во Романија се одржа Самитот на ЕУ, а во Европа беше одбележан 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, како почеток на создавањето на Европската унија пет години подоцна.

БЕЛГИЈА - ЕУ и Британија, Франција и Германија го повикаа Иран да ги почитува одредбите од нуклеарниот договор со светските сили и соопштија дека ќе продолжат трговските врски со земјата и покрај санкциите на САД.

РУСИЈА - Русија ја одбележува 74 годишнината од победата врз нацистичка Германија со голема воена парада на Црвениот плоштад во Москва. Рускиот претседател Владимир Путин порача дека Русија ќе се осигура секогаш да поседува одбранбен капацитет на највисоко ниво. На годинешната парада Путин не покани ниту еден странски гост.

АЛБАНИЈА / КОСОВО - Косовскиот претседател Хашим Тачи во Тирана изјави дека на Косово му е потребна Влада која ќе работи подобро за социјална благосостојба во земјата, наместо да дава патриотски изјави.

СЕВЕРНА КОРЕЈА / ЈУЖНА КОРЕЈА - Војската на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја истрелала неидентификуван проектил во Тихиот океан. Не се соопштени дополнителни детали, но Центарот за стратегиски меѓународни студии со седиште во Вашингтон истакна дека во реонот од каде е лансиран проектилот најверојатно се наоѓа базата за ракети со медиум опсег Родонг на источниот брег на Северна Кореја.