Манчевски потрошил 160 евра по ресторани, Mинистерството се жали на техничка грешка

Министерот Дамјан Манчевски

Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски од јануари до ноември, минатата години потрошил 10.310 денари по ресторани (околу 160 евра), а не 6150 евра, како што наведува алатката на Владата за отчетност на отчетност на трошоците на носителите на јавни функции на Владата, велат од Министерството за РСЕ. Според фактурите кои ги достави Министерството, по текстот за трошоците на министрите во Владата, вкупната сума на трошоци за услуги во земјата преку надворешни објекти се однесува на сметки направени на месечно ниво во бифето во Министерството.

„Како што се гледа на фактурите во прилог, во сумата од 6015 евра се вклучени сите кафиња и води кои ги потпишува министерот Манчевски, а се во рамки на работни состаноци во текот на работниот ден. Дел од тие состаноци се водени од министерот, а дел се состаноци, средби, координации на вработените во кабинетот на министерот Манчевски“, наведуваат во дописот до РСЕ.

Од Министерството наведуваат дека станува збор за техничка грешка при испраќање на податоците во Влада, бидејќи одделението за финансии ги интегрирало сите сметки од бифе како да се сметки на министер.

Од Министерството испратија и фактури за 2019 каде, како што наведуваат, веќе постои поделба на сметката направена на ниво на министерство и сметката на министерот. На месечно ниво, Манчевски во просек по ресторани трошел по 1800 денари. Од министерството истакнуваат дека го информирале и Секторот од Влада задолжен за алатката за трошоци и по доставените фактури како доказ ќе биде направена корекција на сумата.