Руските пасоши за Украинците – Агресија и мешање

Илустрација: Руски пасош

Украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин ја оцени како „агресија и мешање“ одлуката на рускиот претседател Владимир Путин за поедноставување на процедурата за добивање руско државјанство за луѓето кои живеат во делови од источна Украина кои се под контрола на руските сепаратисти. Неименуван западен дипломат, пак, оцени дека се работи за „многу провокативен чекор“ кој ги подрива напорите за намалување на напнатоста во Донбас.

Ваквиот развој на настаните следува и откако новоизбраниот украински претседател ја отвори можноста за промена во нарушените односи меѓу двете земји во последниве пет години откако Русија го анектираше Крим и ги поддржа силите кои држат под контрола делови во украинските региони Доњецк и Луганск.

Одлуката предизвикува загриженост дека Москва може да издаде многу пасоши за граѓаните на источна Украина, а потоа тоа да го искористи како оправдување за воена акција поради наводна загрозеност на руското население.